Претседателот Пендаровски се сретна со американскиот заменик-помошник државен секретар, Габриел Ескобар

– Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), кој престојува во дводневна посета на земјата.

Според соопштението на Кабинетот на Пендаровски, на средбата е потврдена поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија. Истовремено, изразено е очекување од официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски на средбата ја истакнал важноста на поддршката којашто САД ја даваат за остварување на стратешките цели на државата. Во таа насока, се разговарало за следните чекори коишто треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ-интегративниот процес.

На средбата станало збор и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина, се додава во соопштението.