Кој се наоѓаше во рускиот авион што се урна без преживеани?

– Авионот во кој се наоѓаше и шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се урна вчера во руската област Твер, при што загинаа сите 10 лица во авионот.

  • Русија: 10 загинати во авионска несреќа меѓу кои и шефот на „Вагнер“, Пригожин

Пред два месеца, Пригожин започна бунт против рускиот претседател Владимир Путин, но го прекина и замина во соседна Белорусија.

Медиумите доцна синоќа објавија дека Пригожин бил меѓу патниците на авионот „Ембраер-135“, што летал од руската престолнина Москва кон Санкт Петербург.

Одредени канали на Телеграм, кои го поддржуваат „Вагнер“, објавија дека меѓу оние кои се качиле во авионот бил и коосновачот на Вагнер, Дмитриј Уткин, поранешен потполковник во руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Руската Федерална агенција за воздушен сообраќај објави дека специјална комисија започнала да го истражува падот на авионот.

Известено е дека во авионот имало седум патници и тројца членови на екипажот.

Подоцнежната објава со имињата на лицата во авионот потврди дека Пригожин и Уткин биле на летот.

Петте други патници биле Валери Чекалов, Евгениј Макаријан, Сергеј Пропустин, Александар Тотмин и Николај Матусев.

Според руската истражувачка група „Досие центар“, Чекалов бил заменик на шефот на Вагнер, Пригожин, кој работел со него од 2000-тите години.

Чекалов ги надгледувал сите „цивилни“ проекти на Пригожин во странство, меѓу кои и геолошките истражувања, производството на нафта и земјоделството, како и логистиката на „Вагнер“.

Чекалов беше ставен и на листата со санкции што ја објави американскиот Стејт департмент на 20 јули.

Макаријан се приклучи на „Вагнер“ во март 2016 година и беше дел од четвртиот одред за напади на „Вагнер“ во Сирија, што беше под оган на американските авиони во близина на градот Хишам во јануари 2017 година, објави „Досие“.

Пропустин се приклучил на „Вагнер“ во март 2015 година и се борел со „Кирил Тихонович“, за кој во објавите се вели дека е една од борбените единици на групата „Вагнер“.

За Тотмин и Матусев не се пронајдени детали за потеклото или нивната позиција во групата „Вагнер“.