Транспаренси: Апсењата за злоупотреби со државните резерви укажуваат на корупција на високо ниво во Косово

– Огранокот во Косово на организацијата “Транспаренси интернешенл“, Косовскиот институт за демократија (КДИ), оцени дека денешните апсења по повод аферата со злоупотреби со набавки за државните резерви на Косово, менаџирани од Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПД), се показатели за постоењето корупција на високо ниво во владата предводена од Албин Курти.

Во соопштението по денешното приведување на двајца функционери на МИПД и еден бизнисмен близок до власта, КДИ повика на детална и сеопфатна истрага во врска со сомнежите за проневери при набавката од Полска на масло за јадење и пченица, наменети за државните резерви на Косово.

– Сведоци сме дека во Косово, случаите на корупција од висок профил завршувале без казнени пресуди, поради пропусти во фазата на истрага, што за последица има неквалитетни пресуди. Затоа, КДИ смета дека е потребно да се спроведе процес на детална и сеопфатна истрага, со цел потенцијално одговорните лица да се соочат со правдата, се вели во соопштението на КДИ.

Антикорупциската организација бара од премиерот Курти „ослободување од должноста“ на министерката на ресорното министерство, Розета Хајдари, „со цел да се овозможи кривичен процес кој ќе биде ефикасен и без политички влијанија“.

– КДИ бара од ситре актери, а посебно од службените лица на власт, да се воздржат од секакво изјааснување или инволвирање кое може да влијае на процесот на истрага и на независноста на правните институции“.

Двајца раководители од МИПТ и еден бизнисмен се уапсени денеска поради сомневања за малверзации при набавка на стоки за државните резерви.

Приведени се директорот на Управата за стокови државни резерви, Хафиз Гара и директорот на Одделот за европски интеграции и координација на политиките при Министерството, Ирфан Липовица, како и бизнисменот Ридван Мухареми, за кого дел од медиумите наведуваат дека е близок до премиерот Албин Курти и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека на тројцата им е одреден 48-часовен притвор и дека истите се сомничат за кривичните дела „Злоупотреба на службената должност“ и „Пружање помош во извршувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената должност“.

Денешната полициска акција е изведена откако на крајот на минатиот месец порталот „Национале“ објави аудио-снимки од телефонските разговори во кои приведените фуннкционери на МИПТ велат дека масло за јадење и пченица од Полска, кои веќе биле платени, не се доставени во државните резерви.

Во објавените разговори се инволвира и ресорната министерка, Розета Хајдари, која по објавите на „Национале“ соопшти дека поднела кривична пријава за клевета против сопственикот на порталот, новинарот Берат Бужаља.