Зеленски: Украина ќе добие нова воена опрема од партнерите

 – Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека неговата земја добила нова воена опрема од своите партнери.

„Договорите со партнерите се спроведуваат. Пристигнува тешка опрема, артилерија, системи за противвоздушна одбрана. Продолжуваме да работиме на следните пакети. Вестите ќе пристигнат наскоро“, рече Зеленски во пораката на Телеграм.

Тој рече дека на утринскиот брифинг денес се говорело за актуелната ситуација на линијата на фронтот со Русија, офанзивните и одбранбените акции на украинската Армија и употребата на беспилотни летала.

Тој, исто така, рече дека разговарале за инспекцијата на воено-медицинските комисии, како и за работата на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во врска со „воените комитети“ и соработниците, кои, како што рече, дале „добри резултати“.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра на платформата X синоќа објави дека неговата земја ја поздравува одлуката на САД да одобрат испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина.

„Ја поздравуваме одлуката на Вашингтон да го отвори патот за испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина. Голема благодарност до државниот секретар Блинкен за добрата и брза соработка. Сега ќе разговараме за оваа тема понатаму со нашите европски партнери. Ова претставува голема пресвртница за Украина во одбраната на својот народ и нејзините земји“, изјави Хоекстра.

Претходно, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека верува оти украинските пилоти кои моментално се на обука за Ф-16 во странство ќе се вратат во земјата со борбени авиони и дека прашањето за набавка на Ф-16 е повеќе техничко отколку политичко.

Западните земји ја поддржуваат Украина со воена и финансиска помош од почетокот на војната на земјата со Русија на 24 февруари минатата година, а досега не сакаа да испратат борбени авиони во Киев.

Сепак, Данска и Холандија играат водечка улога меѓу западните земји во обуката на украинските пилоти за борбените авиони Ф-16.