Три лица загинаа во пад на туристички авион во Швајцарија

ТРИ ЛИЦА загинаа денеска при уривање на туристички авион во планинската област на кантонот Нојшател на западот на Швајцарија, соопшти портпаролот на кантоналната полиција.

„Пилотот и двајцата патници загинаа“, соопшти полицијата без да даде детали за жртвите.

Авионот со швајцарски регистарски таблички полетал од аеродромот Шо-де-Фонд на туристички лет и се урнал во близина на Понт-де-Мартел во планините Нојшател.

Несреќата се случила во шумско и тешко пристапно место, што ја отежнува работата на спасувачките екипи, соопшти полицијата. 

Причините за несреќата се нејасни, се наведува во соопштението и се додава дека во тек е истрага за утврдување на околностите на несреќата.