Три причини зошто не можеме да заспиеме лесно во лето – ова се корисни решенија за несоницата во ‘пеколните’ ноќи!

Спиењето може да се наруши во лето, но има работи што можете да ги правите за време на неподносливите жештини.

Зошто во зима спијам добро, а во лето имам несоница ?“, е прашање кое се почесто се поставува. Иако нема многу истражувања за овој феномен, постојат некои докази дека сезонските промени можат да влијаат на режимот на спиење, а има и неколку проблеми кои можат да предизвикаат несоница во текот на летото:

1.) Најчестиот виновник е дополнителната сончева светлина што вообичаено ја добиваме навечер во текот на летото во споредба со зимата. Тоа е затоа што светлината го потиснува производството на мелатонин во телото, хормон кој има улога во регулирањето на нашиот циклус на спиење и будење. Значи, ако го „впиете“ сонцето доцна навечер, наместо да се опуштите во слабо осветлена средина, мелатонин нема да се ослободува и веројатно ќе имате потешкотии да заспиете, дури и кога ќе легнете во времето на кое сте навикнати.

2.) Високите температури во лето може да предизвикаат и нарушување на сонот. Во идеални услови, температурата на вашето тело почнува да опаѓа за неколку степени околу еден до два часа пред спиење и продолжува да опаѓа додека спиете. Овој внатрешен ефект на ладење ни помага да стигнеме до длабоката фаза на спиење позната како „бавен бран“. Меѓутоа, кога температурата надвор е многу висока, тоа го спречува нашето тело да падне толку брзо колку што сакаме за да го олесниме сонот. Ова не само што го отежнува спиењето, туку може да предизвика чести будења во текот на ноќта.

3.) Освен светлината и температурата, корисно е да внимавате и на вашиот начин на живот во текот на летото, кој може да биде сосема различен од вашите навики во остатокот од годината. Летото е време кога многумина од нас се релаксираат, што може да се претвори во повеќе дружење, пиење и јадење до доцна во ноќта. Сите овие активности, кои се премногу блиску до спиење, ќе го одложат биолошкиот ритам и ќе ви го отежнат спиењето.

Како да спиете поздраво во текот на летото ?

Добрата вест е дека не сте немоќни кога станува збор за маките на летната несоница. Еве неколку начини за борба против овој проблем:

  • Одењето во кревет и будењето во исто време секој ден, дури и за време на викендите, без разлика колку се чувствувате уморни наутро, ќе му помогне на вашиот деноноќен ритам да се прилагоди на претпочитаното време за спиење.
  • Пожелно е да се излезе надвор наутро. Дневната сончева светлина му сигнализира на вашето тело дека е време да се биде буден и го зајакнува деноноќниот ритам, што пак обезбедува подобар сон во текот на ноќта.
  • Спиењето е значително поздраво во студена спална соба, велат многу експерти. Тие дури истакнуваат дека некои луѓе, кога ќе дојде лето и ќе ја вклучат климата, подобро спијат бидејќи ја прават нивната спална соба поладна отколку во пролет или есен.