Турција, Русија, Украина и ОН утре во Истанбул ќе разговараат за договорот за жито

– Турција, Русија, Украина и Обединетите нации (ОН) од 10 до 11 мај во Истанбул ќе одржат разговори за Договорот за пренос на жито преку Црното Море, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана.

За време на разговорите ќе стане збор за продолжување на Црноморската иницијатива за жито, како и за развој на детален и безбеден план за евакуација за враќање на трговските бродови и нивните екипажи блокирани во украинските пристаништа поради конфликтните услови, соопшти Министерството.

Договорот за извоз на жито преку Црното Море треба да истече на 18 мај.

Турција, ОН, Русија и Украина минатиот јули потпишаа договор во Истанбул за обнова на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше стопиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.

Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со претставници од трите земји и ОН за да ја надгледува испораката.