Јужнокорејските власти денеска евакуираа повеќе од 10.000 лица и затворија повеќе училишта во областите погодени од поплавите предизвикани од тропската бура Канун.
Бурата Канун се движи кон главниот град на Јужна Кореја, Сеул, јавија британските медиуми.
Бурата може да го погоди и главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, а тамошните државни медиуми објавија дека армијата и владејачката партија добиле наредба да подготват мерки за ублажување на поплавите.
Во Јужна Кореја денеска се откажани околу 350 летови и 410 линии на возови, а повеќе од 10.000 лица се евакуирани на безбедно, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Засега нема жртви, соопштуваат јужнокорејските медиуми.
Невремето во некои градови и источниот брег на земјата донесе и до 60 милиметри дожд на час, а максималната брзина на ветерот во југоисточното пристаниште Бусан изнесуваше 126 километри на час, соопшти Метеоролошкиот завод.
Поради летниот распуст повеќето училишта се затворени, но речиси половина од нив нудат летни часови, така што околу 1.600 вакви училишта се затворени или се префрлени на онлајн учење, соопшти Министерството за образование.
Некои училишта во источната крајбрежна провинција Гангвон беа погодени од поплави и свлечишта.
Земјата сè уште се опоравува од интензивните монсунски дождови што ја погодија минатиот месец, при што загинаа повеќе од 40 лица, од кои 14 во еден поплавен тунел.