Украинската армија се обидува да ги одбие нападите на руските сили во Харковската Област

– Украинската армија се обидува да ги одбие сè поголемите напади на руската војска во источниот дел на Харковската Област.

И покрај суровите зимски услови, борбите меѓу украинските и руските сили се интензивираа особено во правец на градот Купјанск, слично на оние кај Бахмут, Авдиивка, Маринка, Лиман, Вухледар и други населени места.

Сè постуденото време во регионот, каде што заврна и снег, а температурите се спуштија под нулата, предизвика потешки услови за војниците на линијата на фронтот.

„Има… судири во правец на Купјанск. Како (во) Бахмут, има… судири во оваа насока, мислам дека нема разлика. Сега ситуацијата е иста на целата линија на фронтот“, изјави за Анадолу украинскиот војник со кодно име Монах.

Истакнувајќи дека руските сили во областа бараат слаби точки на линијата на фронтот, Монах рече дека не дозволуваат руските војници да се инфилтрираат.

„Ја држиме одбранбената линија. Имаме силни војници. Немаме поважна задача, мора да ја држиме одбранбената линија“, рече Монах.

Друг украински војник, Мураха, за Анадолу рече дека тие се борат за „секој сантиметар од територијата на нашата земја“.