Северна Кореја се откажа од воениот договор со Јужна Кореја од 2018 година

– Северна Кореја денес објави дека се откажува од меѓукорејскиот договор од 2018 година за намалување на тензиите и враќање на сите воени активности стопирани според договорот.

Министерството за одбрана соопшти дека одлуката е донесена откако Јужна Кореја вчера суспендира делови од договорот.

„Отсега па натаму, нашата армија никогаш нема да биде обврзана со воениот договор Север-Југ од 19 септември“, се вели во соопштението објавено од државната Корејска централна новинска агенција (КЦНА).

Северна Кореја, во трет обид оваа година, вчера успешно лансираше сателит за надзор во вселената.

По лансирањето на сателитот, Сеул рече дека „делумно“ го суспендирал меѓукорејскиот договор од 2018 година.

Владата на претседателот Јун Сук Јеол ѝ дозволи на јужнокорејската војска да ги обнови активностите за надзор околу меѓукорејската граница.

Договорот од 2018 година создаде тампон-зони покрај копнените и поморските граници и зоните за забранети летови над границата.