„Денес сме на Змискиот Остров. … Иако ова е мало парче земја среде нашето Црно Море, тоа е одличен доказ дека Украина ќе го врати секој дел од својата територија“
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес го посети стратегискиот Змиски Остров во Црно Море.
Во видеото објавено на Твитер, Зеленски рече дека денес е 500-от ден од руско-украинската војна и им се заблагодари на сите што се борат за Украина.
„Денес сме на Змискиот Остров. … Иако ова е мало парче земја среде нашето Црно Море, тоа е одличен доказ дека Украина ќе го врати секој дел од својата територија“, рече тој.
На 24 февруари 2022 година Русија го зазеде островот, тврдејќи дека украинскиот гарнизон се предал без никаков отпор. Потоа украинската војска направи голем број обиди да го врати островот.
На 30 јуни 2022 година руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе се повлече од островот како „гест на добра волја“. Но експертите велат дека било тешко да се одбрани територија од 0,2 квадратни километри без природни засолништа.
Според Киев, при заминувањето Русите претрпеле големи загуби поради украинските напади.
Според Центарот за анализа на европската политика, воената контрола на островот и околните води влијаат врз сите бродски маршрути што ја поврзуваат Украина со остатокот од светот преку Црно Море, како и на оние што ја поврзуваат континентална Европа со басенот на Црно Море преку Дунав.