Украинскиот претседател Зеленски: Од почетокот на војната досега се убиени најмалку 500 деца

Многумина од нив можеа да станат познати научници, уметници, спортски шампиони, придонесувајќи за историјата на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во неделата дека најмалку 500 украински деца загинале од почетокот на војната во февруари минатата година, јавува Анадолија.

Зеленски потсети дека во еден од последните руски напади е убиено двегодишно девојче.

Украинскиот претседател изјави дека „руското оружје и омраза продолжуваат да ги одземаат и уништуваат животите на украинските деца секој ден“.

„Многу од нив можеа да станат познати научници, уметници, спортски шампиони, придонесувајќи за историјата на Украина“, рече Зеленски.

Според него, невозможно е да се утврди точниот број на деца кои се убиени од почетокот на војната бидејќи некои области се под руска окупација.

„Мораме да издржиме и да победиме во оваа војна. Цела Украина, целиот наш народ, сите наши деца мора да бидат ослободени од рускиот терор“, рече Зеленски.