УНИЦЕФ: Бројот на раселени деца достигна 43,3 милиони

 – Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека бројот на раселени деца на крајот на 2022 година достигнал 43,3 милиони.

УНИЦЕФ го објави извештајот за раселените деца низ светот.

„Растот во бројот на раселени деца е поврзан со конфликтите, кризите низ светот и со катастрофите што се случуваат поради климатските промени“, нагласи извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Во извештајот се наведува дека поголемиот дел од раселените деца на овој начин го поминале целото детство.

„Бројот на присилно раселените деца во последните 10 години двојно се зголеми“, се нагласува во извештајот.

Според извештајот, како резултат на војната во Украина, 2 милиони деца се присилно раселени од Украина, додека 1 милион деца се раселени во границите на земјата.

Во извештајот се истакнува дека 60 отсто од 43,3 милиони деца се раселени како резултат на конфликт и насилство.

Во овој извештај се вели дека бројот на децата кои барале засолнување изнесува 17,5 милиони.

Според извештајот, 940.000 деца се раселени во моментот поради судирите во Судан.