Урсула ги налути колегите во ЕК: „Го поддржува само Израел, а Палестина не ја ни спомна“

800 вработени испратија протестно писмо поради неоправданата пристрасност на Урсула фон дер Лајен кон Израел

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го налути надворешнополитичкиот тим на ЕУ занемарувајќи да ја спомене поддршката за палестинската државност во нејзините јавни коментари за војната меѓу Израел и Хамас , пишува бриселскиот портал Политико.

Дополнителен притисок врз неа извршија околу 800 вработени кои испратија протестно писмо поради неоправдана пристрасност кон Израел.

Последната капка беше говорот во четвртокот во Институтот Хадсон, конзервативен тинк-тенк во Вашингтон, кога таа го даде приоритет на правото на Израел да се брани по бруталниот напад на Хамас на 7 октомври и занемари да го спомене решението за две држави, клучна позиција на европските земји.

Висок функционер на ЕУ, коментирајќи го говорот, го обвини дека ги искажува своите лични ставови и изнесува неурамнотежен став за позицијата на ЕУ за кризата на Блискиот Исток. 

– За надворешната политика „одлучуваат земјите-членки, Советот. Останатото, со сета почит, се лични мислења, (тие) можат да бидат многу … легитимни, но не ја претставуваат позицијата на Европската унија како таков – рече тој. 

Ставот на ЕУ е „повторно да се воспостави мировниот процес на Блискиот Исток како единствено можно решение за ова прашање“, додаде висок претставник на ЕУ.

Произраелскиот став на Фон дер Лејен веќе беше на удар по нејзиното патување во земјата минатата недела, кога пратениците ја критикуваа дека не го повикала Израел да го почитува меѓународното право. 

Според неколку официјални лица, нејзиниот однос со шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Јосеп Борела, веќе бил затегнат, а јазот се проширил кога тој ја доведе во прашање законитоста на израелските ограничувања против населението во Газа.

Дополнително на чувството на внатрешен раздор во ЕУ поради војната, група вработени во ЕУ во отворено писмо ја изразија својата фрустрација кон Фон дер Лајен. 

Текстот е потпишан од 798 функционери кои работат во Брисел и во амбасадите на ЕУ ширум светот, според нацртот што го видел Политико.

– Загрижени сме поради безусловната поддршка на Комисијата што ја претставувате на една од двете страни. Оваа поддршка се изразува на неконтролиран начин, на пример, зградите на ЕК се осветлени со израелското знаме – напишаа тие.

Бидејќи Комисијата вработува повеќе од 30.000 луѓе, некои официјални лица посочија дека писмото не добило голема поддршка.