Утре отворен ден за граѓаните во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово

– Касарната „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово утре има отворен ден за посета од страна на граѓаните со почеток во 10 часот. Ова е дел од активностите за одбележување на Денот на НАТО и три години од полноправно членство во Алијансата на Армијата на Република Северна Македонија.

-За време на отворениот ден ќе се прикажат дел од средствата и опремата како и воено показни вежби од единиците на Армијата стационирани во наведените касарни со кои присутните ќе имаат можност поблиску да се запознаат со опремата и обученоста на припадниците на Армијата. Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на наведените активности потребно е да пристигнат пред влезот во касарните во период од 09.30 до 10.00 часот, поради потребните процедури за влез, информираат од Канцеларијата за односи со јавноста при Генералштабот на Армијата.

Армијата покрај во Тетово, отворен ден за граѓаните организира и во касарните „Илинден“ во Скопје и „Јане Сандански“ во Штип.