Физички инцидент по натпреварот Реал – Виљареал

Фудбалерот на Реал, Федерико Валверде, го удри синоќа во Мадрид играчот на Виљареал, Алекс Баена, по натпреварот меѓу двата тима во Ла Лига, кој заврши со триумф на гостите од 3-2, јавија денеска шпанските медиуми.

Според истите извори, Баена го провоцирал Валверде со погрдни зборови за време на натпреварот, по што уругвајскиот репрезентативец физички го нападнал на паркингот пред стадионот.

Шпанските медиуми потсетуваат дека Баена и во јануари, кога Виљареал и Реал играа во Купот на кралот, имал непристојни коментари на адреса на Валверде и фактот дека тој и неговата сопруга за време на бременоста го загубиле детето.

„Плачи, бидејќи твоето дете нема да се роди“, наводно Баена тогаш му рекол на Валверде.

Виљареал е во контакт со шпанската полиција, а Баена дополнително ќе одлучи дали ќе го тужи Валверде.