Постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом во кој живеем, ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, порача Венко Филипче на денешната конвенција на СДСМ.
Тој во своето обраќање се обрати и кон оние членови кои гласале или преминале во политичката партија ЗНАМ.
“Некои наши сопартијци на минатите избори поверуваа дека ЗНАМ ќе биде глас на луѓето кои не се слушнати, протест против старите практики и вистински коректор на власта.
Сакам да им порачам нешто што повеќето од нив го знаат и чувствуваат. ЗНАМ длабоко ве изневери. Наместо борба и коректори на власта, станаа декор во Владата за лични интереси. Молчат и одработуваат. Наместо отпор, покажаа целосна сервилност кон ВМРО-ДПМНЕ. Максим Димитриевски и неколкумина, заради лични интереси, го искористија и злоупотребија гласот на оние кои сакаат искрени промени во СДСМ. Се сместија удобно во власта, замолчеа пред неправдите и ја предадоа социјалдемократијата и вредностите на нашата партија. Молчат пред налетот на десничарските погубни политики. Сакам јасно да ви порачам, вие не сте го изневериле СДСМ, ЗНАМ ве изневери вас. Вашиот протестен глас го разбирам, но ве повикувам да се вратите дома. Вашиот протестен глас, без ваша намера, помогна токму ВМРО да се врати на власт. Сите го чувствуваме тоа денес. Се вратија партизацијата, стравот, неспособноста. Сега веќе е јасно дека нема трети патишта. Или има силна опозиција, или ВМРО ДПМНЕ ќе работи и владее без контрола, со поделени луѓе кои веруваат во социјалдемократската идеја“ порача Филипче.