ФИНСКА ЈА ОБВИНИ РУСИЈА: За викенд затвора половина од граничните премини поради мигранти

Финска ќе затвори половина од своите гранични премини со Русија ноќта меѓу петок кон сабота, обвинувајќи ја Москва дека пропушта мигранти без документи да ја преминат границата, соопшти денеска финската влада.

„Владата одлучи да ги затвори премините Валима, Нуија, Иматра и Нирала на границата меѓу Финска и Русија“, рече министерката за внатрешни работи Мари Рантанен на прес-конференција.

Финската влада во вторникот предупреди дека планира да ја затвори границата со Русија поради сомневање дека Москва се обидува да ја дестабилизира земјата, која во април влезе во НАТО.

Во последните недели, Финска бележи зголемување на бројот на мигранти без документи кои пристигнуваат од Блискиот Исток или Африка, особено од Ирак, Сомалија и Јемен.

„Сакаме тој феномен да заврши, за да се нормализира граничната активност“, рече финскиот премиер.

Тој рече дека ќе ги преземе неопходните мерки доколку ситуацијата се прошири и на други премини. Финска дели граница од 1.340 километри со Русија.

Кремљ во април вети дека ќе преземе контрамерки откако Финска се приклучи на НАТО, нарекувајќи го проширувањето на западната алијанса напад врз безбедноста на Русија.

На крајот на 2022 година, Финска откри план за изградба на голема ограда на 200 километри од границата.