– Агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Франција за едно ниво, на „АА минус“, повикувајќи се на неодамнешните социјални тензии кои, како што наведе, ќе се одразат на капацитетот на земјата за намалување на дефицитот и долгот.
„Политичката блокада и социјалните движења (понекогаш насилни) претставуваат ризик за реформската програма на (претседателот Емануел) Макрон и може да создадат притисоци во корист на поекспанзионистичка буџетска политика и пресврт на претходните реформи“, се вели во соопштението на агенцијата за рејтинг.
Владата ја усвои контроверзната пензиска реформа со заобиколување на гласањето во парламентот, што доведе до забележително зајакнување на опозицијата во општеството.
„Таа одлука доведе до демонстрации и штрајкови низ целата земја и веројатно ќе ги зајакне радикалните и анти-естаблишментските сили“, наведува агенцијата, која досега имаше рејтинг „АА“ за Франција со негативна перспектива. Новиот рејтинг е „АА минус“ со стабилна перспектива.