Проблемите на земјоделците во земјите кои граничат со Украина поради увозот на евтини украински житарки можат да се решат само со заеднички, европски пристап, бидејќи од едностраните мерки имаат корист само украинските противници, се вели во писмото на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен до лидерите од петте земји-членки
.
„Со оглед на нашиот единствен пазар и нашата царинска унија, потребен е заеднички европски пристап за решавање на овие проблеми кои се резултат на различни фактори. Едностраните мерки можат само да имаат корист за противниците на Украина и не треба да ја поткопаат нашата непоколеблива поддршка за Украина“, стои во одговорот на претседателот на Комисијата на писмото што претходно и го испратија лидерите на Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија.
По рускиот напад на Украина, во мај минатата година Европската унија ги суспендираше царинските давачки за сите стоки увезени од Украина на една година. Поради руската блокада на црноморските пристаништа, ЕУ на граничните премини со Украина организираше т.н „солидарни ленти“ за побрз премин на украинските житарки кон трети земји. Но, добар дел од тие житарки завршија во магацините на земјите-членки на ЕУ, кои се соседи на Украина, што доведе до пад на цените и незадоволство на нивните земјоделци.
Полска, која има парламентарни избори наесен и каде владејачката коалиција во голема мера зависи од поддршката на населението во руралните области, прва воведе забрана за увоз на украинско жито.
Од Европската комисија посочуваат дека голем проблем за транзитот на украинските земјоделски производи во трети земји се логистичките трошоци кои се искачуваат и до 40 отсто од вредноста на стоката.
Фон дер Лајен во средата најави дека подготвува дополнителен пакет од 100 милиони евра за помош на земјоделците во тие земји. Минатиот месец Комисијата додели 56,3 милиони евра на земјоделците во тие земји