Во Нортвуд, северозападен Лондон денеска НАТО го отвори новиот Центар за заштита на подморските цевководи и кабли.
– Заканата се развива. Руските бродови активно ја мапираат нашата клучна подводна инфраструктура. Постои зголемена загриженост дека Русија би можела да ги таргетира подморските кабли и другата клучна инфраструктура во обид да го наруши животот на Запад, изјави генерал-полковник Ханс-Вернер Вирман.
Северноатлантската алијанса беше принудена да преземе акција по очигледниот напад на два гасоводи на дното на Балтичко Море во септември минатата година. Саботажата на овие гасоводи, изградени за транспорт на руски природен гас во Германија, сè уште е под истрага. Никој официјално не е обвинет, но НАТО оттогаш го засили своето присуство во Балтичко и Северно Море.
Само низ Северно Море минуваат околу 8.000 километри нафтоводи и гасоводи, а системите и мрежите не можат да се следат 24 часа на ден. Секоја година ширум светот се пријавуваат околу 100 инциденти со пресекување на кабли.