ФОТО | Грција повторно под напад на лудо време, паднаа неверојатни количества дожд во еден ден: “Очекувајте повеќе врнежи!“

Во средата бурата „Елиас“ истури во Грција онолку дожд колку што вообичаено паѓа за неколку месеци и предизвика поплави што ги блокираа патиштата и ги затворија училиштата, јавува CNN.

Премиерот на ГрцијаКиријакос Мицотакис, им нареди на службите за итни случаи и Армијата да помогнат во поставувањето на одбрана од поплави во северниот регион на Тесалија и другите најтешко погодени региони. Грчките пожарникари соопштија дека евакуирале повеќе од 3.000 луѓе меѓу вторникот и средата.

Европската база на податоци за екстремни временски услови (ESWD) објави во средата навечер дека во последните 24 часа во Грција наврнало исто толку дожд колку што вообичаено има за неколку месеци и дека ќе падне повеќе. И во четврток во Грција се очекува да падне пороен дожд. Грчките метеоролози велат дека освен дожд може да падне и град и грмежи.

слика
Грција

Бурата „Елиас“ ја опустоши главно централна Грција, дел од земјата што сè уште не е целосно закрепната од уништувањето предизвикано од бурата „Даниел“, што ја погоди на почетокот на септември. „Даниел“ уништи дел од клучната инфраструктура во регионот, ги претвори селата во езера и уби најмалку 17 луѓе.

Пристаништето Волос во Тесалија беше тешко оштетено од двете невреме. Бурата „Даниел“, во Волос падна 10 пати повеќе дожд отколку што вообичаено паѓа во септември. „Елиас“ предизвика поплавување на патиштата во близина на пристаништето, а грчката полиција го забрани сообраќајот во градот. Според ESWD и Светската метеоролошка организација (WMO), во средата во Волос паднале 298 милиметри дожд во период од 14 часа – осум пати повеќе отколку што градот прима во цел септември.

Обилни дождови наврнаа и во други грчки градови. Во Лимни за седум часа паднале 216 мм, а во Истија 140 мм за 3,5 часа. Грчката јавна телевизија ЕРТ објави дека села на островот Евија се поплавени и дека патиштата таму пропаднале.

Грција е една од најмалку 10-те земји и територии кои доживеаја големи поплави овој месец. Научниците предупредуваат дека климатската криза ќе ги зачести ваквите екстремни временски услови и дека светските влади мора да се подготват за тоа.