Сара Милевска е млада дизајнерка на 29 години, таа им дава душа на старите алишта, а истовремено обучува свои сограѓанки, за реупотреба на отпад од текстил. Една жена од 48 и три девојки од 17 години, веќе ги учат тајните како од стариот текстил по подрумите и старите шифоњери и регали, да направат други производи што ќе им користат, а воедно да го намалат и отпадот и да дејствуваат еколошки. МИА ја посети креативната дружина и ги фотографираше додека творат.
Ја прашавме Сара, која има работено како костимограф во дом на култура, дали досега реупотребувала текстил за себе, направила ли некои нови облеки или предмети од стари, од нејзиното семејство.
– Да, досега сум изработила ранец и чанта од распарана волница од стар џемпер која, потоа ја ткаев и од останати парчиња од стар текстил. Имам изработено пончо од стари машки кошули, елек од стара тексас јакна, лежалка за моите мачки од стари ќилими. Од моето семејство досега не сум ја реупотребувала облеката, но со мали корекции сум продолжувала да ги носам навидум старите, старомодни и безначајни парчиња облека и да ги комбинирам во мојот стил на облекување, ни откри таа.
Покритички кон навиките за потрошувачка
Милевска ни раскажа дека овој тип на обуки се користи за подигнување на свеста за еколошките импликации на текстилниот отпад и за поттикнување на човекот да размислува повнимателно за неговите навики за користење на текстилот. Дополнително, рече, овие обуки се користат и како едукативна алатка преку која се прикажуваат иновативни начини за намалување, реупотреба и рециклирање на облеката и текстилот, како што се обновување и пренамена.
– Со оваа иницијатива сакаме да ги инспирираме луѓето да почнат да размислуваат покритички за нивните навики за потрошувачка и за последиците од нивните постапки врз животната средина. Исто така овие обуки може да послужат како инспирација за понатамошна акција и ангажман во борбата против текстилниот отпад и неговото влијание врз животната средина, додаде таа.
Притоа појасни дека проектот опфаќа проблематика поврзана со отпадот од текстил како главен придонесувач за загадувањето на животната средина, бидејќи е потребно долго време да се распадне во природната средина.
– Поголемиот дел од ткаенината и облеката завршува на депониите, каде што испуштаат токсини во почвата и водата, што можат да и наштетат на животната средина. Дополнително, текстилниот отпад може да се согорува, а со тој чин се испуштаат опасни загадувачи на воздухот во атмосферата. За жал, производството на синтетички текстил често вклучува употреба на штетни хемикалии, што можат да имаат негативно влијание и врз животната средина. Овој тип на обуки сметам дека може да биде ефективен начин да се привлече вниманието на ова важно прашање, нагласи Милевска.
Елена Ризова е координаторка на проектот „Примена на позитивни еколошки практики за намалување на негативното влијание на цврстиот отпад врз животната средина и глобалното затоплување“. Во негови рамки, појасни таа, се и интересните обуки за реупотреба на стар мебел и текстил. Активностите се реализираат од Здружението за заштита и унапредување на животната средина ,,Еко – живот”, во соработка со средното општинско училиште „Ќиро Спанџов Брко“ и Општина Кавадарци. Проектот е финансиран од програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, здружението, училиштето и локалната самоуправа.
„Не фрлајте ја вашата стара облека! Погледнете во нејзината убавина!“
Кавадаречката дизајнерка рече дека тематиката на овие обуки ги таргетира сите целни групи од сите возрасти, со фокус на едукација на локалното општество, за влијанието на текстилниот отпад врз екосистемот.
– Поради се поголемото увидување на влијанието на текстилниот отпад врз животната средина, модните индустрии во светот, па и кај нас, се повеќе се засегнати од ова прашање и се трудат да придонесат во решавањето на овој проблем, па така се почесто во продавниците за облека може да се најдат парчиња со ознаки дека се изработени од рециклиран материјал.
Преку реупотребата на стариот тесктил, во овој случај старата облека, даваме ново значење на нешто што веќе постоело, што е креирано од креаторот, уметникот, му даваме нов живот, наше видување и стануваме дел од тој процес на креирање. Ние стануваме креаторот на нешто ново, со кое го продолжуваме животот на нешто старо. Реупотребата е спојот помеѓу старото, изветвеното и новото, подвлече девојката што има завршено средно уметничко училиште и факултет за дизајн во Белград.
Таа појасни дека на овие обуки сега, фокусот се задржува на изработка текстилни елементи наменети за ентериерот.
– Бидејќи, за почетно ниво се полесни и поедноставни форми за изработка. Учесниците на обуките имаат можност да научат неколку техники за работење, шиење на машина, ткаење и плетење. Овие три техники се одбрани затоа што машината денес е основната алатка што ни служи за изработка на елементи од текстил, а додека плетењето и ткаењето се одбрани како техники кои се повеќе се во изумирање кај младите генерации, сподели младата модна дизајнерка.
Желбата е, истакна, пред се, да се развие свеста за влијанието на текстилниот отпад кај учесниците, како и да се развива нивната креативност и способност, сами да влијаат на овој проблем, почнувајќи од самите себе и од своите домови.
– Како дизајнер, оваа проблематика ја истражувам уште од моите факултетски денови, па така и најмногу се пронајдов во стилот деконструктивизам, што во модата значи создавање ново модно парче, од веќе постоечка облека, или поточно остатоци од искористен текстил.
На оваа тематика за прв пат во Кавадарци во 2023 година имав уличен уметнички перформанс, каде што целта ми беше да покажам до кој степен може да си играме со нашата креативност и на сликовит начин пробав, да и го доближам целиот процес на публиката, нагласи Милевска.
Се враќаат заборавените чингелаќе и разбој
Неколку креативни умови и вредни раце деновиве ги учат тајните на плетењето, шиењето и ткаењето. На чингелаќе, шивачки машини и мини разбој рамка, а во план е и поставување на вистински голем разбој, доколку се успее да се постави еден, што веќе е обезбеден. За да ги реупотребат облеките што фатиле прашина во семејните подруми, да докажат дека и старото може да биде квалитетно и вредно и да ја пренесат традицијата за негување на семејните вредности. Од разговорот со нив дознавме дека уметничкиот творечки порив го имаат наследено од нивните блиски. Рекоа, тој им е во генетскиот код. Растеле во семејни средини во кои домашните изработки биле вообичаена работа.
Кавадарчанката Мирјана Несторова има 48 години и рече дека шиењето и ткаењето биле нејзино секојдневие од најмали нозе, кога низ куќата се слушал звукот од машината за шиење и од разбојот на нејзината баба.
– Се уште чувам по некоја рачна изработка од баба ми, дипли на пример, тие ме потсетуваат на неа и нејзината посветеност кон шивачкиот и ткајачкиот занает. Тетка ми исто така беше шивачка. Како мала се врткав околу нив и крадев, што се вели, од мајсторлукот. Бидејќи овие занаети денеска се речиси изумрени, решив да се пријавам на обуката и да ги откријам сите тајни што за жал не ги научив докрај од баба ми и тетка ми. Работам канцелариска работа во агенција за обезбедување и сакам слободното време да го поминувам изработувајќи нешто корисно. Би сакала да изработувам украсни диплички на разбој, сподели Несторова.
Интерес за старинските работи, за среќа, има и кај помладите
– Мајка ми и ден денеска шие. Отсекогаш сум заинтересирана за уметноста и креативноста. Младински активист сум во бројни творечки проекти. Решив да го проширам фондот на моите вештини. Сакам да изработувам нешта што ќе останат и ќе зборуваат на уметнички начин. Средношколка сум, а најверојатно ќе студирам костимографија. Во секој случај, нешто поврзано со уметност. Сакам со прстите да го почувствувам овој свет, рече 17 – годишната Арелена Гостимировиќ, додека со чингелаќе плетеше тенко исечени ленти од стара облека.
Нејзината врсничка, Клара Маркова откри дека исто така е заинтересирана да им даде нов сјај на старите алишта од мајка и тетки по шкафовите. Тие, подвлече, како едвам да чекаат да бидат реупотребени и повторно да ги види светот во нова светлина.
Драгица Петрова, исто така 17 – годишна, ни кажа дека нејзината баба целиот свој живот била шивачка, се уште шие, но е во години и дека сака да ја наследи во поглед на овој занает и во слободното време да шие за себе и за своите блиски. За почеток, да си сошие фустан.
Кај сите нив забележавме желба и ентузијазам, трудољубивост, посветеност и истрајност, да се направи нешто квалитетно, нешто што ќе го носи нивниот печат и што ќе остане да раскажува за љубовта кон креативноста и уметноста.