ФОТО | Повторно уништена новата урбана опрема во Куманово

 Несовесни кумановци повторно ја уништуваат поставената урбана опрема градскиот кеј, информираа денеска од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

Оттаму наведуваат дека и вчера и утрово оштетени се клупи кои беа поставени пред два месеци.

– Нова година, стари лоши навики. Ова не е прв и единствен пат каде повторно има уништување на урбаната опрема на градскиот кеј во Куманово. Така се нанесува материјална штета која е казнива со закон, но и граѓаните се оневозможуваат каде да го минат слободното време. Уништувањето на опремата повторно ќе ги чини граѓаните. Општина Куманово повторно со средства од буџетот ќе ангажира фирма која ќе врши санација на уништената урбана опрема, велат од јавното претпријатие.

Од претпријатието апелираат да не се оштетува опремата и повикаа полицијата да воспостави редовни контроли и да ги казни сторителите.

Лани, општина Куманово во два наврати набави урбана опрема. За последната набавка која беше склучена во октомври, општината одвои скоро милион денари. Претходно во септември, лани, пак од општинскиот буџет за набавка на урбаната опрема Куманово оддели над 4, 2 милиони денари или севкупно 5, 2 милиони денари.

Дел од опремата како што тогаш објасни кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски е изработена од бетонски елементи, со цел поголема трајност и отпорност од оштетување и уништување. Токму таквите клупи беа мета на вандалско уништување.