ФОТО | СИЛНА БУРА ГИ ПОГОДИ ВЕЛИКА БРИТАНИЈА И ФРАНЦИЈА – Ветерот дувал со 205 километри на час, тотален хаос на Ла Манш, повќе од 1,2 милиони луѓе оставени без струја
Бурата Сиаран ги погоди Велика Британија и Каналските Острови, а потоа се пресели во Франција.
BBC ги пренесува предупредувањата од метеоролозите дека предметната бура е опасна по животот на луѓето.
Силни ветрови до 160 километри на час и обилни врнежи се забележани во јужна Англија, додека во Франција најпогодена област е Финистер на северозападот на земјата каде налетите на бурата достигнаа 205 километри на час.
На островот Џерси, најголемиот од островите на Ла Манш, синоќа беше евакуиран хотел, а некои куќи беа оштетени од силниот ветер.
Големи инциденти се забележани и на помалите острови, а на југот на Англија стотици училишта беа затворени.
BBC јавува дека железничките услуги се прекинати, а на возачите кои патуваат по патиштата на југот и западот на Велика Британија им е кажано да избегнуваат патишта во близина на морето.
Во Франција најпогодени се Бретања и Нормандија, а енергетската компанија Enedis објави дека 1,2 милиони луѓе се без струја, бидејќи дрвјата кои паднале под налетите на ветрот ги урнале струјните кабли.
Клемон Бон, францускиот министер за транспорт, изјави дека возач на камион загинал кога дрво паднало врз неговото возило во регионот Аин.