Франција го вклучува правото на абортус во Уставот

Францускиот претседател посочи дека на предлог-законот работеле парламентарци и здруженија на граѓани

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека правото на абортус ќе биде вклучено во Уставот, бидејќи нацрт-законот следната недела ќе биде испратен до Државниот совет и ќе го усвои владата до крајот на годината.

  • Предлог-уставниот закон неделава ќе биде испратен до Државниот совет, а до крајот на годината ќе биде претставен на Советот на министри. Во 2024 година, слободата на жените да одлучуваат за ИВГ (доброволно прекинување на бременоста) ќе биде неотповиклива – напиша Макрон на социјалната мрежа Х.

Францускиот претседател посочи дека на предлог-законот работеле парламентарци и здруженија на граѓани.

Кога правото на абортус, кое веќе е запишано во француското законодавство, ќе биде вклучено во Уставот, тоа ќе го отежне секој обид на законодавците да го укинат или загрозат.

Претседателот на Франција неодамна вети дека ќе го внесе правото на абортус во Уставот, бидејќи загриженоста за ова прашање се зголеми откако САД го укина правото на прекин на бременоста на целата своја територија, оставајќи ја конечната одлука на поединечни држави.