Франција ја зголемува безбедноста на границата со Белгија по нападот во Брисел

Франција ја зголемува безбедноста на белгиската граница, изјави денеска министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, откако претходната ноќ две лица беа убиени во Брисел. „Немаме информации дека напаѓачот би можел да се движи кон Франција, но како мерка на претпазливост ќе го удвоиме бројот на безбедносните службеници на границата“, изјави Дарманин за радиото RTL, пренесува Ројтерс.

 Белгиската полиција сè уште трага по осомничениот напаѓач кој во понеделникот уби двајца шведски државјани и рани трет во, како што рече белгискиот премиер, брутален терористички напад што го подигна нивото на закана од тероризам во Брисел на максимум.

 Осомничениот за престрелката е идентификуван како Абдеселам Л., 45 години, од Шербек, по потекло од Тунис. Обвинителството ја истражува снимката на која осомничениот вели дека ја поддржува терористичката организација Исламска држава, пренесува Танјуг. Белгиските медиуми јавуваат дека напаѓачот е убиен , што засега не е потврдено.