Француски сенатор обвинет за расизам откако ги поврза протестите со имиграциските прашања

– Францускиот сенатор Бруно Ретаљо се соочува со критики поради неговите коментари што ги поврзуваат тековните протести во Франција со прашањата за имиграцијата.

Шефот на републиканската партиска група во Сенатот, Ретаљо, вчера за телевизијата „Франс инфо“ изјави дека постои „етничка регресија“ кај втората и третата генерација француски граѓани со имигрантско потекло.

Ретаљо нагласи дека постои врска меѓу протестите поради полициското убиство на 17-годишното момче од алжирско потекло Нахел М. и имиграцијата.

Политичарот веднаш беше критикуван од левицата.

Матилда Пано, шефица на парламентарната група на левичарската коалиција Непотчинета Франција (LFI) во твит го обвини сенаторот за „груб расизам“.

Координаторот на коалицијата, Мануел Бомпард, исто така, ги опиша тие забелешки како „расистички“.

Протестите започнаа минатата недела кога полицаец го застрела Нахел М. за време на сообраќајна контрола во париското предградие Нантер откако тој, наводно, ги игнорирал наредбите да запре.

Полицаецот што го испука смртоносниот истрел се соочува со формална истрага за намерно убиство и ставен е во прелиминарен притвор.

Откако започнаа во Нантер, протестите брзо се проширија и во други градови, меѓу кои и во Лион, Тулуз, Лил и Марсеј.

Тензиите се интензивираа по судирите меѓу полицијата и демонстрантите, а спласнаа оваа недела.

Француската полиција приведе уште 20 лица во текот на ноќта на протестите низ земјата, 55 возила и згради беа опожарени, а регистриран е 81 пожар на јавните патишта, главно, во канти за отпадоци, според податоците на Министерството за внатрешни работи до кој дојде „Фигаро“.