Хамас ги негираше информациите за договор за размена на затвореници со Израел

 – Висок припадник на Хамас ги негираше извештаите во медиумите дека палестинското движење постигнало договор за размена на затвореници со Израел.

„Извештаите за договор за размена на затвореници се невистинити“, рече Изат ал Ришк во кратката изјава.

Израелските весници, исто така, ги демантираа информациите за договор со Хамас за размена на затвореници.

„Сè уште нема ништо“, пишува весникот „Ерусалим пост“, цитирајќи висок израелски функционер.

Катарскиот премиер Шеик Мохамед Бин Абдулрахман Ал-Тани вчера рече дека договорот за размена на заложници меѓу Израел и Хамас е „неизбежен“.

Се верува дека Хамас држи најмалку 239 Израелци по прекуграничниот напад на 7 октомври. Палестинската група вели дека е подготвена да ги ослободи заробениците во замена за илјадниците Палестинци кои се држат во израелските затвори.

Според последните податоци, од 7 октомври досега во израелските воздушни и копнени напади се убиени најмалку 13.000 Палестинци, меѓу кои над 9.000 жени и деца, а повеќе од 30.000 други се повредени.

Израелската блокада го прекина снабдувањето со гориво, електрична енергија и вода за Газа и ја ограничи испораката на хуманитарна помош.

Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.