Хамас: САД се одговорни за израелските злосторства врз цивилите во Газа

 – Хамас го осуди директното гаѓање цивили од страна на Израел со беспилотни летала во Појасот Газа и ја смета американската администрација одговорна за злосторствата извршени од Тел Авив во Газа.

Членот на политбирото на Хамас, Изат ал-Рашак, објави писмена изјава откако се појавија снимки на кои израелската војска минатиот месец во Газа со дрон гаѓаше четворица цивили.

Опишувајќи го директното нишанење и убивање на беспомошните цивили во Појасот Газа како „страшно воено злосторство“, Рашак рече: „Ова злосторство уште еднаш открива дека окупациската војска всушност е составена од крвожедни банди за убивање. Тие исто така се покажуваат како одметничка војска без морални или човечки вредности.“

Барајќи ова злосторство да се додаде во криминалното досие на Израел, кое се води во Меѓународниот суд на правдата, Рашак рече: „Оружјето што убива невини цивили е и оружје на САД. Тоа го прави (американскиот претседател Џо) Бајден и неговата администрација соучесник во извршените злосторства.“

Наведувајќи дека го смета американскиот претседател Бајден за одговорен за злосторствата извршени врз цивилите во Газа, Рашак рече дека и ним треба да им се суди како воени злосторници.

Каналот Ал Џезира со седиште во Катар објави слики на кои се гледа како израелската војска бомбардира четворица палестински цивили со дрон во градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.

На снимката јасно се гледа дека четворицата цивили не носат оружје и не претставуваат никаква опасност.

Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа 31.988 Палестинци, од кои најмалку 14.000 деца и 9.220 жени, а ранети се 74.188 луѓе.