ХАОС ВО ФРАНЦИЈА – Макрон останува цврсто до крај на ставот за пензиската реформа: “Мислите дека уживам во ова !? Не!“
Претседателот на Франција, Емануел Макрон во средата соопшти дека пензиската реформа која предизвика масовни протести низ државата е неопходна и ќе стапи на сила до крајот на годината.
„Дали мислите дека уживам во воведувањето на оваа реформа ? Не“, изјави Макрон во ретко телевизиско интервју и додаде: „Но, нема сто начини да се балансира рамнотежата… оваа реформа е неопходна“.
Реформата, со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за две години на 64 години, Владата ја спроведе минатата недела без гласање во парламентот.
Реформата предизвика масовни протести во земјата, најлоши по бунтот на „жолтите елеци“ пред четири години, кој стана насилен откако законот беше протуркан без гласање во парламентот.
Емануел Макрон истакна дека „екстремното насилство“ не е прифатливо.
„Ќе се погрижиме животот да се врати во нормала што е можно поскоро и покрај малкуте што ги блокираат работите“, изјави тој.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Французи се против реформата, како и против одлуката на Владата да ја наметне истата.
Но, Емануел Макрон порача јасно дека ќе остане цврсто.
„Помеѓу краткорочните анкети и општиот интерес на земјата го избирам општиот интерес…нема да толерираме никакво неприфатливо однесување“, вели тој.
Синдикатите најавија нови штрајкови и протести за четврток.
Емануел Макрон кажа дека премиерката Елизабет Борн сè уште ја има довербата.
Соработниците на Макрон рекоа дека нема планови за реконструкција на Владата или предвремени избори, но дека Владата ќе се обиде подобро да ги вклучи граѓаните и синдикатите во процесот на одлучување.