Хаос во Франција откако полицаец убил тинејџер: Демонстрантите запалија автобус, поставуваат барикади на патиштата, уапсени 150 лица (Фото/Видео)
Запалени се десетина автомобили, контејнери и бариери поставени на патот.
Ноќта од средата кон четвртокот, насилството продолжи во Франција, особено во регионот на Париз, каде полицаец уби 17-годишник кој во вторникот одбил да го послуша.
Францускиот министер за внатрешни работи изјави дека за време на протестите во текот на ноќта биле уапсени 150 лица. Жералд Дарманин напиша на Твитер дека градските сали, училиштата и полициските станици биле цел на „неподносливо насилство“ низ целата земја.
Ситуацијата во Нантер, на петнаесетина километри од Париз, околу 23 часот повторно стана тензична. Запалени се десетина автомобили, контејнери и бариери поставени на патот. На фасадата на зградата се закачени натписите „Правда за Нахел“ и „Полицијата убива“.
Судирите со полицијата траеле и до 1 час по полноќ во населбата каде веќе имало судири меѓу жителите и припадниците на силите на редот, кои на фрлање камења одговориле со солзавец.
Дваесетина општини во Сена-Сен Дени, департман североисточно од Париз, пријавиле пожари, објави полициски извор, додавајќи дека секој пат многу мобилни групи од помалку од сто луѓе биле активни на местото на настанот. Сега постои загриженост во инаку мирните градови.
Полицијата претходно соопшти дека нешто пред 2 часот по полноќ привела 77 лица, а во Есон, јужно од Париз, бил запален автобус од кој патниците излегле околу 21 часот, велат полициски извори.
Судири избувнаа и во кварт во Тулуз, каде што се креваше густ црн чад, најверојатно од запален камион.
Тензии беа забележани и во други региони низ земјата, како што е Лион, каде припадниците на полицијата беа гаѓани со пиротехнички средства.
Во некои места како Сент Етјен, Лил и Рен, инцидентите се случија за време на собири за поддршка на еколошкото движење кое неодамна беше распуштено од владата.