Хаос на улиците низ Аргентина: Масовни протести против реформите на претседателот Милеи

За време на маратонската расправа за законодавниот пакет на ултралибералната влада во парламентот на Аргентина, синдикалците и социјалните активисти вчера се судрија со безбедносните сили во Буенос Аирес.

Аргентинските медиуми јавија дека демонстрантите ги тепале полицајците со парчиња дрво и оти полицијата пукала со гумени куршуми и солзавец кон толпата.

Во меѓувреме, парламентот втор ден по ред расправа за сеопфатниот пакет реформи на новиот претседател Хавиер Милеи. Пакетот вклучува трансфер на дел од законодавната власт на владата на две години, овозможува приватизација на бројни државни претпријатија и предвидува измени на даночните и изборните закони.

Економистот Милеи ја презеде функцијата во средината на декември со план за радикална обнова на државата која е во тешка економска ситуација. Стапката на инфлација е над 200 проценти, а околу 40 отсто од луѓето во некогаш просперитетната земја живеат под прагот на сиромаштија.

Втората по големина економија во Јужна Америка има пренатрупан државен апарат, ниска индустриска продуктивност и огромна сива економија што ја лишува земјата од клучните даночни приходи. Националната валута продолжува да ја губи вредноста во однос на американскиот долар, а долговите на земјата продолжуваат да растат.