Хорор во туристичкиот рај: Најмалку тројца убиени на плажите на Акапулко, државата ја крена војската и полицијата на нозе

Најмалку три лица беа убиени на плажите во мексиканското одморалиште Акапулко во изминатите неколку дена, а една жртва е убиена од напаѓач кој дошол од морето со чамец и побегнал на ист начин , објави Си-Би-Ес Њуз.

Гувернерот на пацифичката мексиканска држава Гереро, каде што се наоѓа Акапулко, рече дека назначил 60 вооружени детективи да патролираат на плажите по неодамнешните насилни инциденти.

Насилството продолжи и покрај присуството на неколку илјади војници и Национална гарда распоредени во градот откако беше погоден од разорниот ураган Отис од петта категорија во октомври.

Тогаш загинаа 52 лица, а 32 се водат како исчезнати, додека речиси сите хотели во Акапулко беа тешко оштетени.

Поправени се само дел од оштетените хотелски соби, околу 5.000.

И покрај големото присуство на војската, нивото на насилство спроведено од бандите не е намалено.

Владата на мексиканската држава Сонора, која се наоѓа северно од Гереро, предупреди дека локалните млади биле регрутирани од нарко-картелите.