Цветковски: Три дена по пожарот во општина Лозово, надлежните не дадоа помош и инструкции за санирање на последиците

Екипи на Општина Лозово се на терен и вршат увид и проценка за опожарената површина во големиот шумски пожар на боровата шума меѓу селата Каратманово-Мамутчево и Лозово, во кој се зафатени повеќе десетици хектари шума.

Пожарот во неделата вечерта почна со палење на стрниште на несовесен земјоделец кај село Каратманово, по што освен стрништата поради силниот ветер во понеделникот утрото  се прошири на голема површина а потоа ја зафати и боровата шума во овој реон, стара повеќе од 50 години.

Градоначалникот Бошко Цветковски за МИА информира дека проценката на опожарената шума е за нивна потреба и тие потоа на нивна иницијатива ќе  достават информација  и до надлежните за тоа колку шума е опожарено.

Градоначалникот Цветковски е разочаран бидејќи три дена по катастрофалниот пожар, во кој изгореа белите дробови и рекреативниот цетар на жителите од населените места во Општина Лозово, никој од надлежните органи и од Владата досега не  се јавил до Општина Лозово да им даде помош и инструкции за брзо расчистување на последиците од опожареното.

Тој информира дека по увидот на лица од Општина Лозово констатирано е дека со пожарот се опожарени и  2,5 километри дрвени  прагови на пругата Велес-Лозово. Додаде дека од нивна страна биле известени надлежните во Железници за преземање мерки за санирање на опожарените прагови на овој дел од пругата.

-За жал, три дена по пожарот оставени сме сами да се снаоѓаме со последиците. Досега никој од надлежните во државата не не исконтактирал. Сметам дека државата мора да направи сериозен механизам за повторно пошумување на овој терен, а тоа да почне уште оваа есен. Доколку се случи опожарената шума да мора да се сече, апелирам таа да не биде дадена на некој прераборувач на мебел, туку предлагам дрвата да им бидат дадени на социјално ранливи семејства  како дрва за огрев. Јас сметам дека некој пали, а тоа според мене се пали осмислено за некој да оствари профит, потенцира Бошковски.

Тој појаснува дека за секој пожар тие имаат и определени докази од Територијалната Противпожарна единица од Свети Николе, која е најкомпетентна да даде свое видување за тоа како настанал пожарот.

– Според добиените информации од надлежните во Територијалната единица Свети Николе, сите пожари на територијата на Општина Лозово биле подметнати од страна на непознат сторител,потенцира градоначалникот Цветковски.

Тој се обрати до надлежните до МВР да истражат и да ги најдат сторителите на овие пожари и тие да бидат соодветно казнети за штетата што ја предизвикале.

Цветковски информира дека за жал два дена по катострофалниот пожар на боровата шума и вчера повторно имале продолжување на тој пожар, но пожарот вчера  бил целосно изгаснат.

-Пожарот и два дена потоа до вчера не беше целосно ставен под контрола. Вчера утрото гаснеа пожарникарите, а потоа во прилог беше и времето и дождот кој целосно го изгасна овој голем шумски пожар. Но, за жал целосно изгоре големата површина на борова шума – белите дробови на Општина Лозово, засадени од месното население пред повеќе од 50 години и од вработените од „Македонски шуми“, потенцира градоначалникот Цветковски.