ЦеСИД: Повеќе од 80 отсто од младите во Србија мислат дека политичарите и партиите не ги штитат нивните интереси

Повеќе од 80 отсто од младите во Србија не гледаат ниту еден политички чинител, било да е тоа личност или политичка партија, кој ги застапува и штити нивните интереси, покажуваат резултатите од истражувањето за ставовите на младите во Србија, спроведено од Центарот за Слободни избори и демократија (ЦеСИД), пренесува денеска Бета.

Речиси половина (47 отсто) од младите кои учествувале во истражувањето веруваат во вредноста на демократијата, а бројот на оние кои го поддржуваат влезот на Србија во ЕУ е двојно поголем од оние кои се противат на таа идеја.

Идејата за влез во НАТО е помалку популарна и само еден од девет испитаници ја одобрува.

Околу 33 отсто од младите се изјасниле дека делумно или целосно се согласуваат со изјавата дека на Србија и е потребен силен лидер кој, без никаков приговор, ќе биде следен од народот.

Испитувани се и ставовите на младите за обичаите и традициите и околу 36 отсто од испитаниците рекоа дека се религиозни, но дека не прифаќаат се што проповеда нивната религија, додека 19 отсто изјавиле дека религијата им е многу важна и дека прифаќаат се што ги учи нивната религија.

ЦеСИД го спроведе истражувањето од 23 август до 10 септември 2023 година, на репрезентативен примерок од 1.000 млади луѓе од Србија на возраст меѓу 15 и 30 години.