ЦИП: Продолжува оштетувањето на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно

Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно и понатаму се оштетува поради експлоатација на јаглен. За жал, и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба, реагираат денеска од Центар за истражување на предисторијата (ЦИП).

Како резултат на овој чин, како што посочуваат, целосно е уништена источната периферија на локалитетот, со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот.

 -При девастирачките работи со багери, оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки. Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање, може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот, соопштија од Центарот.

Оттаму потенцираат дека ваквото неодговорно уништување на археолошки локалитети е недозволиво, особено што нашата држава е потписничка на Фаро конвенцијата иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство. 

Како што посочуваат, оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа воедно дава и лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство.

 -Поради своето големо значење и екслузивност, најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание Антиквити кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација, се вели во соопштението на ЦИП.

Од тие причини, потенцираат од ЦИП, неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има.