Над 36 пожари на отворено имало изминатите 24 часа, а четири сѐ уште се водат како активни, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Кога станува збор за пожари на шуми и на вегетација на отворено, во последното деноноќие имало 36 регистрирани по пријава, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата. Од „зимските“ 36 пожари на отворено во последното деноноќие, четири сѐ уште се водат како активни, појаснуваат од ЦУК.
Еден од пожарите бил во близина на село Виниче на Скопска Црна Гора, општина Гази Баба. За ова од ЦУК биле известени пожарникарите од БППЗ на град Скопје, кои поради непристапност на теренот не можеле да интервенираат. Исто така, известени биле и во општина Гази Баба, како и ДЗС и ЈП Национални шуми – подружница „Караџица“.
Пожарникарите од ТППЕ Пробиштип го ставиле под контрола пожарот што избувнал на 6 февруари во 17 часот, во атарот на селото Јамиште.
– Екипата од Национални шуми – подружница „Пробиштип“ постојано ја следела ситуацијата, иако се очекувало во текот на ноќните часови, пожарот да биде самоизгаснат, додаваат од ЦУК.
Вчера било добиено известување и за два пожара на отворен простор – над селото Добри Дол, општина Врапчиште и над селото Корита во форинскиот дел, општина Гостивар.
– Пожарот над селото Добри Дол првично бил во ниви, потоа излегол од контрола и се проширил на багремови дрвја и смреки. Местото било тешко пристапно заради граничење во просторот со пат и река можноста од проширување била намалена. Еден вработен од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“ во текот на ноќта бил задолжен да дежура и ако пожарот не се самоизгасне, ќе алармирал да се интервенира во текот на почетокот на денов. Пожарот над селото Корита, исто така, е на тешко пристапниот терен и во текот на ноќта, екипата од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“, не можеше да интервенира заради безбедносни причини. Екипата планирала да интервенира во текот на утринските часови, ако пожарот е сѐ уште активен, појаснуваат од ЦУК.
Се апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на бројот за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
– Инаку, вчера ЦУК извести дека три лица починаа при пожари. Едно при гаснење пожар на отворено на сопствена нива кај селото Псача, друго при пожар на куќа во селото Косевица и трето лице при пожар на штала во селото Оџалија во општина Карбинци, потсетуваат од ЦУК.
Во последното деноноќие имало вкупно 1.786 повици на единствениот број за итни случаи 112, од нив, „реални“ повици биле 46,98 отсто, а 53,02 проценти биле за други потреби на граѓаните, неитни.
Кон полиција биле упатени 56,60 отсто, кон Итната медицинска помош – 31,70 проценти, а кон пожарникарите – 9,06 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.