Турција попозитивно гледа на Финска за разлика од Шведска како кандидат за НАТО, изјави денеска во Будимпешта турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
– Претходно рековме дека гледаме попозитивно на кандидатурата на Финска, но НАТО сака истовремено одобрување на пристапот на двете земји, посочи Чавушоглу на заедничката прес-конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Според Чавушоглу доколку има одлука одделно да се разгледуваат барањата за прием во НАТО, тогаш ставот на Турција во однос на Финска ќе биде попозитивен.
Тој повтори дека Турција нема да се согласи за членство на Шведска и Финска во НАТО, сè додека не се исполнат барањата на Анкара напишани во трилатералниот меморандум.
– Не можеме да кажеме да за нивното членство во НАТО додека не се исполнат нашите барања. Во сегашниот амбиент, Парламентот нема да го ратификува тој протокол, посочи Чавушоглу.