Четворица советници на Иранската револуционерна гарда убиени во израелски напад врз Дамаск

– Корпусот на Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГК) денес објави дека четворица негови советници биле убиени во израелски напад врз сирискиот главен град Дамаск.

Во соопштението, Иранската исламска револуционерна гарда истакна дека „покрај убиството на четворица воени советници кои служеа во Сирија, има загинати и меѓу сириските сили“ во израелскиот напад.

Во соопштението нема дополнителни информации за бројот на загинати од сириските сили.

Иранската новинска агенција Мехр, исто така, објави дека четворица припадници на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда биле убиени во израелски напад врз кварт во сириската престолнина.

„Двајца високи воени советници на ИРГК во Сирија и двајца други припадници на ИРГК загинаа во воздушниот напад на израелскиот ционистички режим врз сирискиот главен град Дамаск“, објави агенцијата.

Во меѓувреме, сириската новинска агенција САНА го потврди нападот без да даде детали за жртвите.

„Израел денес изврши напад врз станбена зграда во населбата Ал-Маза, западно од Дамаск“, објави агенцијата.

Невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права наведе дека се слушнала експлозија во населбата Ал-Маза, западно од главниот град Дамаск, покрај џамијата Ал Мухамеди.

Според првичните извештаи, во нападот загинале пет лица. Во нападот зградата е целосно уништена.

Израелската страна не се огласи во врска со нападот.

Од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година, Израел повремено изведува напади врз воените позиции на групите поддржани од Иран во Сирија и на сириската војска.