Човекот кој ја предвиде војната во Украина тврди: “Знам кој стои зад бунтот на Евгениј Пригожин против Владимир Путин!“
д-р. Јури Фелштински, познат историчар, автор и експерт за Русија, изјави за Sky News дека верува дека Владимир Путин сè уште е на власт бидејќи тоа му е дозволено од Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ).
Според него, ФСБ всушност стои зад обидот за бунт на групата Вагнер, а Евгениј Пригожин ја ужива нивната поддршка.
„Што мислите, зошто ништо не му се случи на Евгениј Пригожин ? Од обидот за државен удар минатиот месец, нема груба конфронтација со лидерот на Вагнер“, вели Јури Фелштински.
Тој се осврна и на судбината на групата Вагнер, која, тешко за верување, се уште е нејасна.
„Мислам дека би било добра вест за сите нас доколку Вагнер не отидат во Минск, бидејќи тогаш оправдано би можеле да бидеме загрижени дека некој од нив ќе се обиде да ја преземе контролата врз руското нуклеарно оружје лоцирано во таа земја. Затоа, подобро е Вагнер да остане во Русија“, смета Јури Фелштински.
„Веројатно првичниот план беше да се создаде впечаток дека Вагнер ќе замине во егзил во Белорусија, но мислам дека тоа не се случува. Згора на тоа, мислам дека Евгениј Пригожин и неговата приватна војска се во Русија“, вели овој историчар.
Да потсетиме дека Евгениј Пригожин бил во Русија, веројатно Санкт Петербург, потврди претходниот ден белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој пред неколку недели детално се пофали пред домашната и меѓународната јавност со неговото посредување во брзиот крај на бунтот на Евгениј Пригожин.
Она што е всушност најинтересно во изјавите на д-р. Јури Фелштински за Sky News е неговиот поглед на самиот бунт. Тој смета дека Евгениј Пригожин сигурно имал „голема поддршка“, а единствената организација што можела да му ја даде била ФСБ.
„Внимавајте, Владимир Путин го обвини Евгениј Пригожин дека прави предавство, а луѓето најчесто се казнуваат за тоа. Неговите борци соборија шест руски хеликоптери и еден авион. Многу е чудно што се уште ништо не му се случило. Се чини дека Владимир Путин всушност не може да го казни“, смета Јури Фелштински.
Тој исто така вели дека не е јасно колкава моќ успеал да задржи Владимир Путин две недели по неуспешниот обид за бунт, но сигурно верува дека – „ова веќе не е истиот Владимир Путин што сите го гледаме со години“.
„Фактот што одеднаш се појавува во толпа луѓе (како неодамна во Дагестан) покажува дека тој не ја смета потенцијалната инфекција или болест за негова најголема закана. Така, мислам дека овој бунт всушност беше обид на ФСБ или да го отстрани од власт или барем да ја ограничи неговата моќ. И се уште не знаеме под кои услови ФСБ ќе му дозволи да остане претседател“, заклучил Јури Фелштински.
Инаку, Јуриј Фелштински заедно со Украинецот Михајло Станчев е автор на книгата „Битка за Украина/Трета светска војна“ во која предвиделе дека Русија ќе ја нападне Украина во 2015 година. Второто и малку изменето издание на книгата беше објавено минатата година.