Шанкер од Австралија „провалил“ грешка на банкомат и за 5 месеци подигнал 1,6 милиони долари кои ги немал

29-годишниот австралиски шанкер Ден Саундерс се збогатил преку ноќ. Тој во 2011 според VICE бил надвор и пиел со пријателите во неговиот роден град северно од Мелбурн, кога сосема случајно го провалил банкарскиот пропуст што било пресудно накратко да стане богат.

Излегол од локалот за да подигне готовина од банкоматот и открил дека банкоматот му дозволува да подигне многу повеќе пари отколку што имал на салдото. По неколку обиди, 29-годишникот сфатил дека нашол дупка во системот и накратко се збогатил.

Во измамата која траела пет месеци Ден успеал да потроши околу 1,6 милиони австралиски долари од парите на банката. Организирал раскошни забави, изнајмувал приватни авиони и им плаќал школарина на пријателите додека не бил фатен од полицијата, според написите.

Тој за VICE опишува како сфатил дека банкоматот му давал пари, но состојбата на сметката му останувала иста.

„Бев надвор ноќе, се обидов да префрлам пари од кредитна картичка на штедна книшка и да го проверам салдото на мојата сметка, но банкоматот постојано ми велеше: ‘Состојбата не е достапна во моментов’. Сè уште кликав за да го направам трансферот и така банкоматот рече ‘трансакцијата е откажана’ и ми ја врати картичката. Мислев дека е многу чудно, па решив да се обидам да повлечам 200 долари од мојата штедна сметка само за да видам што ќе се случи. Банкоматот ми ги исфрли парите, па се вратив во барот и продолжив да пијам. Откако излегов од барот си одев дома и поминав крај на истиот банкомат. Мислев колку целата работа е чудна, па ја вратив картичката и почнав да си играм. Ставив уште 200 долари и подигнав. Потоа 500 долари, па 600 долари, само за да видам што ќе се случи. Тоа беше како магичен трик“, раскажува Ден.

Тој рече дека следното утро мислел дека сето тоа го сонувал, па се јавил во банката за да добие извод за состојбата на неговата сметка. Тогаш сфатил дека има разлика помеѓу она што му го дал банкоматот и салдото на банката, што значело дека сѐ што вадел од штедната книшка воопшто не било регистрирано. Сфатил дека со ноќен трансфер од неговата кредитна и штедна сметка во исто време кога банкоматот е офлајн (помеѓу 1 и 3 часот по полноќ), може да добие пари што ги нема.

Ден почнал да влече стотици долари. Дури и кога неговото вистинско банкарско салдо паѓало сè подлабоко во црвено, тој едноставно продолжил да печати готовина. Потрошил вкупно околу 1,6 милиони долари користејќи го неговиот систем за измама. Но, на крај почуствувал вина за она што го прави.

Му се доверил на својот терапевт кој му кажал да се предаде.

Често сонувал дека е фатен и дека имал кошмари. Три години по измамата, Ден бил уапсен и обвинет за 111 точки за измама и кражба. Во мај 2016 година го напуштил затворот откако поминал една година зад решетки – и се вратил на работа во бар за 12,50 долари на час, според медиумот.