Шефот на грчката дипломатија Дендијас во посета на Косово

Претседателката на Косово, Османи, го пречека на средба министерот за надворешни работи на Грција, Дендијас.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го пречека на средба министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас.

Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Османи ја оценила проактивната работа на Грција во регионот на Западен Балкан, како и постојаната поддршка на грчката држава за интеграцијата на регионот во Европската Унија (ЕУ).

Во овој дух, повикувајќи се на заедничките евроатлантски вредности, Османи побара да продолжи грчката поддршка за членство на Косово во евроатлантските институции.

Османи рече дека целосната меѓународна интеграција на Косово, вклучувајќи ги ЕУ, НАТО и Советот на Европа, ќе придонесе во одржливиот мир во регионот.

Косовската претседателка упати благодарност до Дендијас за поддршката на Грција за визната либерализација за државјаните на Косово, со последното гласање на Советот на ЕУ, како и за постојаното застапување за завршување на овој процес.

На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Грција, при што Османи изрази подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи.

Таа ја спомена потребата од зголемување на трговската и економската размена, како и соработката во различни сфери од заеднички интерес.

Во врска со последните случувања во процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, Османи нагласи дека планот за имплементација на договорот мора да биде во согласност со Уставот на републиката, што ќе придонесе за долгорочен мир и стабилност во регионот.

Османи повтори дека координацијата на Косово со сојузниците во овој процес ќе продолжи.