Шефот на украинската разузнавачка служба ја презеде одговорноста за експлозијата на рускиот полигон на Крим

 – Шефот на украинската разузнавачка служба, Кирил Буданов, денес ја презеде одговорноста за експлозијата на рускиот воен полигон на Крим, територија под руска контрола од 2014 година.

„Шефот на разузнавачката служба Буданов изјави дека детонацијата во складиштето за муниција на Крим е резултат на операција на Главната управа за разузнавање и вооружените сили на Украина“, пишува украинскиот весник „Страна“.

Гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека синоќа избувнал пожар на воен полигон на истокот на полуостровот Крим.

Тој рече дека во пожарот нема жртви, дека автопатот „Таврида“ е затворен за сообраќај, а се евакуираат повеќе од 2.200 лица од четири населени места.

Автопатот „Таврида“ го поврзува целиот полуостров Крим и тој е главна сообраќајна артерија.

Најмалку две лица загинаа, а едно дете е тешко повредено во експлозијата што се случи рано во понеделникот на мостот Керч, кој ги поврзува Русија и полуостровот Крим.

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека е одговорна за нападот.

Украинските власти ниту ги потврдија ниту ги демантираат тврдењата на Русија.