Шефот на УНРВА, Лазарини: Повеќе од 100.000 луѓе се убиени, ранети или исчезнале во израелските напади врз Појасот Газа

– Шефот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, вчера изјави дека повеќе од 100.000 Палестинци се убиени, ранети или исчезнале во последните четири месеци во израелските напади врз Појасот Газа.

„Таа бројка претставува 5% од вкупното население во регионот. Повеќе од 80% од населението се раселени, поголем дел повеќепати“, објави Лазарини на социјалната мрежа Х.

Тој наведе и дека околу 17.000 деца во Газа останале без придружба или се одвоени од своите родители.

„Прекинот на огнот задоцни. Потребна е поинаква патека за доброто на луѓето во Газа, на друго место во регионот и пошироко“, заклучи Лазарини.

На 26 јануари голем број земји го запреа финансирањето на УНРВА откако Израел излезе со тврдење дека некои вработени во оваа агенција на ОН биле вмешани во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Агенцијата соопшти дека е започната истрага и ги раскинала договорите со неколку вработени по израелските обвинувања.