Шимшек: Светот ќе стави крај на циклусот на монетарно затегнување

Светот најверојатно ќе стави крај на циклусот на монетарно затегнување, што е позитивно за глобалната економија, изјави денеска турскиот министер за трезор и финансии, Мехмет Шимшек.

„Можноста за монетарно олеснување од втората половина на 2024 година е зголемена“, истакна Шимшек на генералното собрание на Асоцијацијата на банки на Турција.

Посочувајќи дека централните банки во последно време ги имаат зголемено каматните стапки десетици пати, тој рече дека финансиските услови ќе бидат попогодни во втората половина на следната година.

„Се очекува глобалната економија да порасне за 40 отсто во наредните пет години“, додаде Шимшек, истакнувајќи дека оваа стапка е под глобалниот потенцијал.

Министерот нагласи дека перформансите за раст на Турција се стабилни.

„Во 2023 година, предвидуваме стапка на раст од околу 4,5 отсто и покрај сите глобални финансиски проблеми. Турција, исто така, се соочува со одредени економски проблеми, меѓу кои е и дефицитот на тековната сметка и инфлацијата, а економијата треба да се ребалансира“, рече Шимшек.

Според него Турција ќе оди напред во систем кој ги опфаќа принципите на слобода на претприемништво, слободна размена, флуктуирачки девизен курс, отворена економија заснована на правила.

„Намалената политичка неизвесност по изборите и чекорите што ги презедовме во монетарната и фискалната политика почнаа да даваат позитивно влијание врз очекувањата за турската економија Премијата за ризик на Турција се намали од 700 базични поени на околу 400.“, изјави Шимшек.

Тој рече дека меѓународните агенции за кредитен рејтинг откриле пооптимистички изгледи за турската економија, и додаде дека една од агенциите ја подигнала перспективата на турскиот банкарски систем на стабилна од негативна.

„Средства почнаа да се слеваат на нашите пазари на капитал, сите овие случувања го олеснија пристапот до можностите за странско финансирање и ги намалија финансиските трошоци“, додаде тој.

Осврнувајќи се на турскиот банкарски сектор, Шимшек рече дека секторот ја докажал својата издржливост за време на глобалната финансиска криза и пандемијата.

„Турскиот банкарски сектор е важен елемент на економијата на земјата“, порача тој.

ТРТ БАЛКАН