Првиот човек на Твитер, Илон Маск, го нарече Њујорк тајмс медиум за пропаганда откако медиумот одби да плати за ознаката за верификација.
Твитер ја исфрли ознаката за верификуван профил на Њујорк Тајмс откако медиумот одби да плати за беџот за верификација. Овој потег беше причина за конфликт меѓу Њујорк Тајмс и првиот човек на Твитер Илон Маск, околу наплатата на ознаките кои ги означуваат проверените профили.
Откако беше исфрлен беџот на Њујорк Тајмс, еден од најголемите светски весници, покрена дебата за тоа дали Твитер ќе ги отстрани беџовите на другите организации доколку и тие одбијат да платат.
Корисниците на Твитер и аналитичарите различно гледаат на последните случувања. Новинарот Арон Рупар не се согласува со одлуката и рече дека ако се претплатите на Њујорк Тајмс обезбедувате добра содржина од целиот свет.
„Плаќањето за Твитер Блу ви дава доверба кај профилот на ElonFan69420 и нивните 11 следбеници и не многу повеќе. Со други зборови, ова е лажна еквивалентност“, изјави Рупар.
Тони Вебстер, он-лајн новинар смета дека одлуката на Твитер за Њујорк Тајмс изгледа како „да застреламе еден заложник за да испратиме порака дека сме многу сериозни“.
Извор на приходи
Освен Њујорк Тајмс, Твитер досега не отстранил беџови за верификација на сметката на ниту еден друг медиум. Весникот претходно објави дека нема ниту да плаќа месечна претплата, ниту да им плаќа на новинарите за Твитер Блу за нивните лични налози.
Си-Ен-Ен, Асошиејтед Прес, Вашингтон пост и некои други големи медиуми исто така објавија дека нема да платат за ознаката за проверен профил. Иако главниот профил на Њу Јорк Тајмс повеќе нема ознака за проверен профил, другите филијали сè уште имаат.
Твитер наплаќа 8 долари за еден месец доколку корисниците сакаат да ја задржат сината ознака за проверен профил , но цената може да се движи и до 1.000 долари за организации и 50 долари месечно за секоја сметка на партнер или вработен во организациите.
Според компанијата, функциите на Твитер Блу им нудат на претплатниците начин како да го подобрат и прилагодат своето искуство на Твитер.
Новиот потег на политиката на Твитер има за цел да и помогне на компанијата да собира приходи преку обезбедување на некои ексклузивни функции за претплатниците, што има импликации за низа корисници на платформата.
Незадоволство од овој потег искажаа и некои познати личности. Меѓу нив и кошаркарската икона Леброн Џејмс, кој има над 52 милиони следбеници, рече:
„Погодете, мојот син [беџ] наскоро ќе исчезне, бидејќи ако ме знаете, знаете дека нема да платам“.
Маск: Содржината на Њујорк Тајмс е пропаганда
Маск се фокусира на Њујорк Тајмс кој има над 55 милиони следбеници и важи за дваесет и четврти најследен профил на Твитер. Маск содржината на овој медиум ја нарече пропаганда.
„Тие би имале многу повеќе вистински следбеници ако ги објавуваат само своите врвни статии. Истото важи и за сите публикации“, рече Маск.
Немаше официјален одговор од Маск ниту од неговата канцеларија за тоа дали компанијата ќе продолжи да ги отстранува ознаките на другите медиумски организации или не.
Од друга страна, Њујорк Тајмс и другите мејнстрим медиумски организации го таргетираа Маск, особено откако тој го купи Твитер. Тој вети дека ќе направи коренити промени и ќе ги разоткрие неправилностите што се случија за време на претходната администрација.
Маск, кој е и извршен директор на Тесла, го купи гигантот на социјалните мрежи за околу 44 милијарди долари и објави извештаи за тоа како американската влада ја насочувала претходната администрација на Твитер да забрани одредени налози за време на периодот на пандемијата од Ковид-19.
TRT Balkan