Глобалниот договор за заштита на отвореното море треба да создаде зона со површина од над 30% од меѓународните води, а ќе опфати и поголем буџет за заштита како и нови правила за експлоатација на руда.
По деценија на преговори членките на Обединетите Нации постигнаа договор за заштита на отвореното море, односно на меѓународните води кои ги надминуваат националните линии и не беа ставени под никаков вид на заштита, предизвикувајќи несогледливи штети од деструктивни човечки активности и последици од климатските промени.
Глобалниот договор за заштита на отвореното море треба да создаде зона со површина од над 30% од меѓународните води, а ќе опфати и поголем буџет за заштита како и нови правила за експлоатација на руда.
Главната препрека досега беше да се постигне економски баланс во експлоатација на морските ресурси, особено од земјите во развој кои бараа поголем удел во глобалната „сина“ економија, пристап до развојни технологии, инвестиции за одржливост и споделување на одговорноста за загадувањето.
Како што истакна Рена Ли, претседателка на конференцијата на ОН во Париз, „бродот се укотви на брегот“, сигнализирајќи дека по пет рунди на преговори и по поминати петнаесетина години, конечно постигнат е договор за заштита на отворените води.
Зошто е неопходна ваква заштита?
Од површината на меѓународните води кои се достапни за експлоатација, истражувања и сообраќај, само 1% е заштитен. Затоа и изложеноста на негативни појави е значително поголема. Така морските видови во овие води но, и околното население се на директен удар на последиците од климатските промени.
„Двете најголеми причини за исчезнување на видовите се прекумерен риболов и загадување. Ако поставиме заштита на морињата и заштитени живеалишта поголемиот дел од морските ресурси ќе имаат време да закрепнат“, вели д-р Нгози Огугуа, главен истражувач на Институтот за океанографија и морски истражувања.
За 20 пати е зголемен бројот на морски топлотни бранови, кои предизвикуваат екстремни временски настани како масовни усмртувања на морските видови и циклони кои предизвикуваат човечки и материјални штети.
10% од морските видови се пред исчезнување според Меѓународниот сојуз за заштита на природата (ИУЦН). Дури 41% од загрозените видови се под закана од климатските промени.
Затоа е неопходна меѓународна заедничка акција со која ќе се преземат мерки за ублажување на последиците од климатските промени и ставање под контрола на деструктивните човечки активности.
Мирна пловидба?
Постигнувањето договор за заштита на отвореното море не значи дека веднаш ќе биде постигната и „мирна пловидба“, бидејќи допрва следи процесот на спроведување на договорот од Њујорк и начинот на кој државите членки на ОН ќе ги финансираат активностите за заштита.
Досега Европската Унија, како целина, вети финансии во износ од 820 милиони евра за заштита на меѓународните води, но оваа сума не наиде на воодушевување од страна на земјите во развој.
Русија, една од петте највлијателни членки на ОН, исто така имаше забелешки за финалната верзија на документот.
Со договорот треба да се ограничат и рударските активности за експлоатација на суровини од дното на океаните што може да биде тешко спроведливо за многу земји кои зависат од овие ресурси.
TRT Balkan