Што треба да знаете за планинарењето со деца?

Излетите со деца на планина може да почнат од нивната најрана возраст. Многу планинари ги носат своите мали деца на грб во носилки кога станува збор за едноставни планинарски излети. Секако, интензитетот на излетот со деца зависи и од нивната возраст и мотивираност.

Моето досегашно искуство покажува дека децата секогаш имаат многу енергија за планинарење, но клучно за родителите е да се фокусираат на детската мотивираност.

Дете на возраст од 4 години веќе може да планинари до 2 часа. Дете на возраст до 6 години може да издржи 4 часа планинарење, а дете од 8 години веќе без проблеми може да пешачи на излет од 5 до 6 часа одење.

Планинарењето со деца е еден од најдобрите начини уште од најмлада возраст да ги поврзете со природата. Тоа за нив ќе биде голем животен предизвик, исто како и за вас. За почеток, изберете патека која не е премногу долга ниту стрмна, не заборавајте дека за децата ова е искуство, не натпревар за издржливост.

Имајте на ум дека ова за нив е патување, не дестинација што мора да ја достигнат. Како родители, подгответе се за секоја ситуација – задолжително носете капа за заштита од сонце, квалитетни очила, крема за сонце, влажни марамчиња, цврсти патики со заштита за глуждот, облека за сите времиња вклучително и за дожд (често се случува на повисоките места времето брзо да се промени).

Понесете храна и грицки, трудете се почесто да правите мали паузи за пиење вода или храна. Ако сте собрани повеќе луѓе, одберете еден од вас да биде лидер на групата. Децата често сакаат некој од возрасните да биде главен, а добро е и за организација. Задолжително еден возрасен да биде водач на групата, а еден да оди на крајот од групата и да внимава сите возрасни и деца да бидат на број и никој да не заостанува.

Може да им купите и свирчиња, па така ем ќе им биде интересно, ем секогаш ќе знаете каде се во случај на некоја непријатна ситуација.

Научете ги да не оставаат ѓубре зад себе, погрижете се целиот смет да биде собран на едно место и понесете го со вас во автомобилот. Така ќе им покажете дека се грижите за животната средина. Не оставајте траги на човечка присутност во природата.

И на крајот, како совет, трудете се често да планинарите со децата, придобивките се големи. Ова нека ви послужи како основа за инспирација, подетално секако во секое време може да се информирате во најблиското планинарско друштво на вашето место на живеење.