Ѓорѓиев: Се оперира со листа на чекање од 120 -150 лица кои чекаат трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу поголема

 Се оперира со листа на чекање од 120 -150 лица што чекаат трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу поголема, изјави денеска Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон”, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот. 

– Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација, таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања што коштаат, а имаме многу мал број на кадаверични трансплантации или имаме години кога воопшто немаме. Нашиот апел е ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и таа листа ќе биде зголемена, појасни тој. 

Очекуваме, додаде, од оние 1500 – 1600, барем една третина да бидат на листата за чекање. 

– Мораме да пофалиме дека листа за чекање за жив донор од познат дарител веќе не постои, туку секој што ќе обезбеди бубрег од сроден дарител, веднаш, за кратко време додека се направат типизациите, се трансплантира, одговори Ѓоргиев.

Од Здружението рекоа дека најмладиот член на дијализа има четири, а најстариот 92 години.

Директорката на Клиниката за нефрологија, доцент д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, меѓу другото, нагласи дека водечки причини за развој на хронична бубрежна болест, се уште се дијабетот и хипертензијата. 

Даница Стојкова од Прилеп има 54 години и кажа дека до овој мај месец, веќе 13 години како оди на дијализа. 

-Болеста ја открив уште поодамна, генетски е, мојот татко кој е починат исто така беше на дијализа 13 години, многу е битно да се открие во рана фаза. Немам сроден дарител, сум на листата на чекање веќе околу осум години. Се надевам дека еден ден, тоа ми е желба и сон, да бидам трансплантирана, од кадавер, за да се подобри мојот живот и животот на моето семејство, сподели таа.

Стојкова откри дека животот на дијализа е тежок, но е можен. Три дена во неделата по 4 – 4.5 часа, но без апаратот не може да се живее. 

– Откако се тргнува на дијализа, се променува цел живот на една личност, самата таа и блиските мораат да се адаптираат, додаде таа.